Поаѓајќи од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија,
Изразувајќи ја цврстата определеност на Република Македонија да ја сподели заедничката европска иднина, заснована врз заедничките вредности и стремежи,
Потврдувајќи ја приврзаноста на Република Македонија кон принципите на пазарната економија и за изградба на демократско општество, засновано врз почитувањето на човековите права, како и готовноста за исполнување на критериумите за пристапување кон Унијата, утврдени од Европскиот совет во Копенхаген во 1993 година,
Поздравувајќи го стапувањето во сила на Спогодбата за соработка меѓу Република Македонија и Европската заедница како значаен чекор во договорното регулирање на односите со Европската унија и нагласувајќи ја потребата од најзино ефикасно оживотворување,
Собранието на Република Македонија
1. Истакнува дека членството во Европската унија е стратегиска цел на Република Македонија.
2. Ја истакнува подготвеноста за подигање на нивото на односите на Република Македонија со Европската унија, преку склучување Европска спогодба за придружно членство, врз основа на доследна имплементација на критериумите на Европскиот совет од Копенхаген од 1993 година и со индивидуален третман при валоризацијата на резултатите на Република Македонија во овој процес.
3. Ја потврдува определбата за унапредување на односите со соседните земји, преку дијалог, како суштински придонес за стабилноста во регионот и за унапредувањето на односите со Европската унија.
4. Ја истакнува определеноста за почитување на меѓународните и европските стандарди за човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност и во тие рамки - определбата за трајно сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија.
5. Ја истакнува решеноста на Собранието на Република Македонија за динамизирање на процесот на усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата.
6. Посебно се залага за јавност на процесот на одлучувањето за односите и натамошната соработка со Европската унија и поттикнувањето на јавното мислење и јавната свест за нив.
7. Го нагласува значењето на меѓусебното информирање на органите на законодавната и извршната власт на Република Македонија за процесот на приближување кон Унијата.
8. Ја истакнува готовноста на Собранието на Република Македонија за зајакнување на соработката со Европскиот парламент, преку продолжување на меѓусебните средби на делегациите на двата парламента, формирање мешовит парламентарен комитет со Европскиот парламент и други облици на соработка.
9. Посебно ја нагласува потребата од континуирани напори на делегациите и претставниците на Собранието на Република Македонија во меѓународната активност на Собранието за афирмирање на определбата за интегрирање во Европската унија.
10. Оценува дека постои потреба од основање координативно работно тело за собраниските активности сврзани со процесите на евро-атлантската интеграција.
11. Оваа Декларација ќе се објави во "Службен весник на Република Македонија".
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Бр. 07-460/1
4.5.1998 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Тито Петковски, с.р.
|