07.03.2016, Кафе дебата-„Родовата рамноправност како демократска вредност и како практика“

Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) има развиено практика на одржување на кафе дебати на кои се дискутира на актуелни теми или се споделуваат определени искуства на спонатан начин. Една таква дебата во пресрет на Денот на жената се одржa на 07.03.2016 година во 19:00 часот во кафулето „Тренд“Плоштад „Македонија“ на тема „Родовата рамноправност како демократска вредност и како практика“. Родовата еднаквост, всушност, се воведува на голема врата во Република Македонија, пред сè како модел на едно модерно демократско општество какво што континуирано се гради изминатите 25 години, откако таа стана независна држава, но и како дел од официјалната политика на Европската унија, односно како еден од неопходните услови за зацврстување на евроинтегративниот процес, кој е наша стратешка определба. Кафе дебатата ја модерираше Маја Манчевска, секретар за соработка со инстиутциите во ЕДРМ, која истакна дека нема вистинска демократија без рамноправно вклучување на жените во сите сфери на општествениот живот, пред сè, во самите структури на одлучување и дека жените сè уште се обидуваат да се пробијат во „машкиот свет“ и да ја покажат својата рамноправност во јавниот живот. И покрај донесените бројни меѓународни акти за обезбедување еднакви права за мажите и жените и голем број законски решенија, резултатите не се комплетно задоволувачки и прашањето за дискриминација на жените сè уште е актуелно. Како говорници учествуваа: Лилјана Поповска, единствена претседателка на политичка партијата во Македонија (ДОМ), како и пратеничка во Собранието на Република Македонија, која наведе дека е постигнато одредено ниво на жената во политиката, но најслаба е економската положба на жената, истакнувајќи дека се воспоставени мерки и програми, но тие служат само како рамка. Таа посочи дека недостасуваат финансиски средства за спроведување на програмите за економско јакнење на жената, на пример за женско претприемништво се предвидени многу малку средства, но и дека е потребен посериозен пристап. Владимир Давчев, универзитетски професор на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет во Скопје, кој посочи дека постои солидна законска регулатива, но само на хартија што е усогласена со европското законодавство и недостасува нејзина имплементација. Тој го отвори и прашањето за родовите студии кои се ставени во мирување. Душко Миновски, државен советник во Министерството за труд и социјална политика, кој посочи дека е потребно да се работи на подигање на свеста уште од семејството, градинките, училиштата. Тој наведе дека поради неправдите во однос на родовата застапеност е воведен квотниот систем. Ризван Сулејмани, универзитетски професор и член на Комисијата за заштита од дискриминација, кој истакна дека квотите се дискриминирачки за жените. Милева Ѓуровска, универзитетска професорка на Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје со долгогодишно искуство во областа за родовата еднаквост и претседателка на Европското движење во Република Македонија, посочи дека се потребни повеќе вакви јавни дебати и кампањи за подигање на свеста за потребата од родова еднаквост. Во дебатата се вклучија и присутните гости, при што беше направена паралела со родовата еднаквост во нордиските земји.  

Uncategorized.