Собир на студентите од сите поголеми универзитети во Р. Македонија

По повод 9 Мај, Денот на Европа, традиционално се одржува студентска манифестација чија основна цел е да ги приближи студентите, да поттикне дебата за  значајни теми поврзани со универзитетскиот живот, со проблемите на младите, како и со другите општествени проблеми кои ги засегаат и младите. Оваа година манифестацијата се одржа на Државниот универзитет во Тетово каде над 200 студенти од Скопје, Битола, Штип и Кичево дебатираа на тема: Демократијата како предизвик за младите. Оваа манифестација беше отворена од вицепремиерот во владата на РМ, Г. Фатимир Бесими, од Г. Робин Лидел, министер-советник во Делегацијата на ЕУ во РМ, Г. Јоханес Реи -директор на Фондацијата Конрад Аденауер-Скопје, деканот на Правниот факултет на ДУТ – Г. Полиси и Проф. д-р Милева Ѓуровска- Претседател на Европското движење во РМ. Иако се очекуваше жестока дебата на студентите кои во почетокот на годината организраа протести за поголема автономија на универзитетите, во текот на дебатата се истакнуваа определени теориски премиси со висок степен на воздржаност. Имајќи ги предвид актуелните случувања во доменот на политиката сосема е разбирлив ваквиот пристап на студентите кои ја споделуваат конфузијата на интелектуален план.
Во рамките на манифестацијата се одржа и натпревар во ораторски вештини на кој зедоа учество 17 оратори. Тие ги искажуваа своите ставови во врска со темата: Европа во мојата перцепција за иднината. Оваа година се одликуваше со многу успешни говори, содржински конистентни на темата и висок степен на подготвеност на ораторите.
Наградените од овој натпревар се:
Споделена прва награда меѓу Ана Ризовска (УКИМ) и Атина Зекири ( Универзитет на ЈИЕ-Тетово);
Второ место: Билјана Павловска (Универзитет на ЈИЕ-Тетово);
Споделено трето место меѓу Елена Орцева (УГД) и Џевад Даути (ДУТ)

Оваа манифестација беше сесрдно помогната од страна на Фондацијата Конрад Аденауер-Скопје, како и од Делегацијата на ЕУ во РМ. Изразуваме голема благодарност и до Државниот универзитет-Тетово за пригодниот пречек на студентите и изразената колегијалност.