Декларацијата на ЕДРМ за фер и демократски избори

ДЕКЛАРАЦИЈА НА ЕВРОПСКОТО ДВИЖЕЊЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ЗА ИЗБОРИ ВО ДУХОТ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ВРЕДНОСТИ

Вовед

По повод изборите за пратеници во Европскиот парламент, Меѓународното европско движење со седиште во Брисел во кое членуваат 36 национални совети, меѓу кои и Националниот совет на Европското движење во Република Македонија, на 22-ри ноември 2013 година донесе Декларација со која се повикуваат европските граѓани да ја зголемат својата политичка активност потсетувајќи дека иднината на Европа не е во рацете на политичарите, туку во рацете на граѓаните. Во декларацијата се истакнува дека граѓаните и граѓанското општество се повикани да го поттикнат и контролираат функционирањето на државните институции на сите нивоа, како и начинот на работење на Парламентот. Истовремено се укажува дека големата моќ истовремено значи и поголема одговорност.

Активноста на граѓаните, особено нивниот политички ангажман за време на изборите, и тоа не како припадници на политички партии туку како граѓани, е неопходен за демократската заснованост на изборите. За да може прецизно да се дефинираат и да се артикулираат интересите на граѓаните, неопходни се пошироки граѓански дебати од различни социјални групи, бидејќи суштинска димензија на изборите е проектирање на иднината, се разбира, со достојна почит кон минатото и историјата.

Затоа, Европското движење во Република Македонија се надоврзува на иницијативата на Меѓународното европско движење и го бара следното од:

  • Граѓаните, да имаат предвид дека изборите и изборните резултати се израз на нивната волја и нивните очекувања за иднината, па според тоа самите се одговорни за својот избор; да ја поддржат опцијата која овозможува вистински напредок на сите групи во општеството, бидејќи без напредок на сите групи, не е можен напредок на ниту една.
  • Граѓанските здруженија од различен домен, да покажат поголема иницијатива на дејствување во насока на афирмација на принципите на демократијата, мирот и стабилноста за време на изборите.
  • Политичките партии, да не манипулираат со ставовите на граѓаните и на граѓанските здруженија; да дозволат да се слушне изворниот став на граѓанинот без никакви политички етикети; да не манипулираат со чувствата на граѓаните по однос на прашањето за единственото име на Република Македонија; да се напушти практиката на јавно „озборување“ и стигматизација на личности, бидејќи не му се својствени на македонскиот граѓанин и влијаат негативно на социјализацијата на идните генерации; да водат фер политичка кампања базирана на демократските вредности и лична самопочит на учесниците; да ги претставуваат своите кандидати преку позитивна кампања без притоа да се дискредитираат претставниците на другите партии.
  • Медиумите, да не применуваат методи на меѓусебна дискредитација кои не одговараат на етиката на јавна комуникација и на очекувањата на граѓаните; да организираат интелектуални јавни дебати и плодни дискусии на спротивставените страни што ќе даваат позитивни анализи на сегашноста и на иднината; да создадат бесплатен граѓански форум како простор во кој ќе дојдат до израз граѓанските ставови од сите социјални групи (интелектуалци, професионални здруженија, комори, студентски или ученички организации).
  • Изборните органи, стриктно спроведувајќи ги законските обврски, да организираат и реализираат фер и демократски избори во духот на еднаквите можности на сите легитимни учесници.

 

 

DECLARATION BY THE EUROPEAN MOVEMENT IN REPUBLIC OF MACEDONIA

Документи.