Граѓаните одлучуваат за иднината на државата, Интервју со претседателката на ЕДРМ проф. д-р Ѓуровска во „ Нова Македонија„ 03.03. 2014;

Деклацијата на Европското движење се обраќа до граѓаните во РМ што се повикуваат да ја сфатат својата витална улога при изборите, односно дека нивната волја е одлучувачка за тоа кој во иднина ќе управува во нивно име

 

 

 

МИЛЕВА ЃУРОВСКА, ПРОФЕСОРКА И ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЕВРОПСКОТО ДВИЖЕЊЕ      

Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) има цел да ги вклучи граѓаните во општественото живеење, да ги развива демократијата, мирот и толеранцијата како темелни европски вредности. Професорката на Филозофскиот факултет и претседателка на ЕДРМ, Милева Ѓуровска, вели дека секогаш настојуваат да бидат блиску до граѓаните и да ја истакнат нивната улога за развојот на демократијата, особено во предизборниот период. Ѓуровска додава дека во Македонија кога ќе се употреби терминот политичко ангажирање на граѓаните веднаш се помислува на нивното партиско ангажирање. Но демократијата не се сведува само на партиското дејствување, туку и на граѓанско ангажирање во процесот на донесувањето одлуки.
Во пресрет на изборите во нашата држава, Европското движење во Република Македонија најави граѓанска декларација. Може ли да ни кажете нешто повеќе за тоа? 


– Декларацијата што ја подготвивме произлезе од иницијативата на Меѓународното европско движење, кое на редовното годишно собрание одржано во Хаг (ноември 2013 г.) донесе слична декларација, со која се повикуваат европските граѓани да ја зголемат својата политичка активност, потсетувајќи ги на фактот дека развојот на демократијата не произлегува од активностите на политичарите, туку од активностите на граѓаните. Демократијата стагнира кога граѓаните се пасивни консументи на одлуките на политичките елити. Во суштина граѓаните се субјекти што на изборите одлучуваат за иднината на државата.

И досега имало низа декларации. Што конкретно очекувате од вашата? Која е нејзината цел?


– Целта на секоја декларација е да ги истакне основните човечки вредности, односно идеалите какви што претставуваат правдата, правичноста, слободата, мирот, толеранцијата и друго. Во декларацијата на ЕДРМ доаѓа до израз потребата да се зачува достоинството на граѓаните во време на изборите. Основна претпоставка за демократијата претставува активното учество на граѓаните. Декларацијата се обраќа до граѓаните во Македонија што се повикуваат да ја сфатат својата витална улога при изборите, односно дека нивната волја е одлучувачка за тоа кој во иднина ќе управува во нивно име. Граѓанските здруженија треба да се ослободат од својот спонзорски „инстинкт“ и да дејствуваат во насока на афирмација на демократијата, мирот и стабилноста за време на изборите, а политичките партии да не манипулираат со ставовите на граѓаните и на граѓанските здруженија, да дозволат да се слушне изворниот став на граѓанинот без никакви политички етикети.

Македонија е блокирана од Грција на патот кон ЕУ. Што треба да се направи за да се надмине оваа препрека? 


– Како членка во ЕУ, Грција има многу добра преговарачка позиција. Таа до максимум го искористува механизмот врз кој се донесуваат одлуки за членство во Унијата, би рекле без мера и многу дрско. Европејците го знаат тоа. Потребно е Македонија регуларно, содржински и со поголем интензитет да дејствува во евроинтегративните процеси, да го развива својот институционален капацитет, да ги развива европските политики од кои граѓаните ќе имаат бенефиција. Потребно е дебатата за членство во ЕУ да продолжи, и тоа не само во Македонија туку и во сите форуми надвор од државата, вклучувајќи ги тука и форумите на Меѓународното европско движење, кое има исклучително значајна улога во функционирањето на ЕУ.

Актуелна е дебатата за изборите на Европскиот парламент што ќе се одржат во мај. Сѐ погласни стануваат претставниците на крајната левица и десница, кои главно се против европскиот проект. Како ќе се одрази тоа на ЕУ?


– Економската криза во ЕУ го зголеми евроскептицизмот. Веќе циркулираат голем број прашања поврзани со изборите за Европскиот парламент и реална е можноста да добијат поголем број гласови од партиите што не ја поддржуваат ЕУ. Во суштина главниот проблем се поврзува со апстинирање на граѓаните од гласање. Една значителна доза на фатализам во смисла „што можам јас да променам?“ е значително присутна и кај европските граѓани. Подготовките за изборната кампања траат веќе една година. Тие ќе одат под слоганот „Илјада причини да ја изберам Европската Унија“, со што се потсетуваат граѓаните дека иднината на Европа е во нивни раце. На овој план клучна улога имаат организациите од граѓанскиот сектор што ги афирмираат проевропски ориентираните партии.

Постоите речиси 23 години. Кои се резултатите?


– Можеби досега не сме биле присутни во медиумите со активностите што сме ги реализирале. Меѓутоа зад Европското движење во РМ стојат над 400 панел-дискусии реализирани во општините низ државата, повеќе од триесет меѓународни конференции поврзани со евроинтеграциите на државата и голем број едукативни активности реализирани во средните училишта. За нас прифатливи се сите политички опции што водат кон развој на нашата држава и кои граѓаните ги третираат како активни и значајни субјекти во политичките процеси.

Активности.